Зекири: Додека Таравари мисли само на локални избори и изборни коалиции здравството е во тотален распад

 

 


Додека Таравари мисли само на локални избори и изборни коалиции здравството е во тотален распад, изјави на денешната прес-конференција Белкиса Зекири од редовите на СДСМ.

Скандалот на Кардиохирургија каде што пациент почина со пукната аората, е реалната и стравотна слика за состојбата во здравството денес-колабиран систем, кој наместо да лекува, уништува животи, рече Зекири.

„Пациент почина затоа што државната клиника не можела да му ја изведе потребната итна интервенција – поради нефункционалност на здравствениот систем.

И Државниот здравствен и санитарен инспекторат потврди: ангиографската сала на Кардиохирургија не работела еден месец, а немало ниту стент-графтови.

Како може државна болница, од стратешки интерес, да нема основни услови за спас на човечки живот?

Многу отворени прашања за кои нема конкретен од одговор од најповикуваниот-министерот за здравство Таравари. Толку му е важна состојбата во здравството, што допрва ќе го гледал извештајот на инспекторатот“, посочи Зекири.

Зекири потенцираше дека граѓаните плаќаат здравствено осигурување за да добијат лекување, а не за да гледаат како нивниот живот виси на конец поради нечија неспособност и негрижа.

„Ова не е здравствен систем – ова е здравствена и хумана катастрофа!

Во последниве 10 месеци, оваа Влада и министерот Таравари го донесоа здравството до колапс. Нема лекови нема терапии за онколошките пациенти. Деца умираат на Клиниката за детски болести. Нема клиника без хаос. Нема пациент без страдање.

Министре Таравари, знаете ли што ви се случува? Или сте премногу зафатен со политички пазари и изборни математики?

Задоцнетите извештаи нема да вратат животи. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност.

СДСМ бара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на државната Клиника за Кардиохиргија, Дејан Димитровски.

Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој ќе функционира, кој го штити здравјето, кој спасува животи, а не систем кој убива“, нагласи Зекири.

16.04.2025 - 12:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега