Стармер и Макрон: Трговската војна не е во ничиј интерес
Трговска војна не е во ничиј интерес, но ништо не треба да се исклучи сега, се договорија синоќа британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини, објави британската влада.
Стармер и Макрон разговарале по телефон, а францускиот претседател инсистирал на неопходна координација меѓу земјите од Европската унија (ЕУ) и Велика Британија наспроти царините на Доналд Трамп, како и на потребата од единство.
-Додека глобалната економија трпи шок од тарифите наметнати од САД, ние ја потврдивме нашата желба тесно да ги координираме нашите позиции во тековните разговори со претседателот Трамп, рече Макрон.
Претседателот на Франција додаде дека сите во Европа треба да бидат обединети и решени да ги заштитат своите граѓани и бизниси.
Велика Британија, која ја напушти ЕУ пред повеќе од четири години, избегна некои од американските царини што ја погодија ЕУ и се надева на поповолен договор со САД.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека не е доцна за преговори, нагласувајќи дека ЕУ е подготвена да реагира.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа