Наскоро сами ќе си проверуваме колку ни е загаден воздухот во населбата
Граѓаните наскоро ќе можат да дознаат кои се загадувачите во нивната околина и колкав е степенот на загадување на воздухот во местото на живеење. Овие информации ќе бидат достапни на веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности од април следната година.
Како што најави директорот на АКН, Славче Трпески, Кататастарот веќе подготвува апликација за загадувањето на воздухот со сите загадувачи, преку која ќе се поврзе со податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според Трпески, точно ќе се знае во кој дел од државата какво е загадувањето, односно ќе има визуелен приказ.
- Министерството за животна средина сега на дневна основа односно на секој час ги објавува податоците во табели. Овде во позадина ќе биде ортофото картата и на неа ќе бидат ставени сите загадувачи што ќе бидат потенцирани од Министерството за животна средина и ќе биде прикажано целото мерење на воздухот, кога е во дозволена рамка со една боја, а кога не е со друга боја, објасни Трпески.
За догодина најавува драстични промени во работењето на кастастарот со надградба на системот на електронскиот шалтер. Од 1 февруари сите нотари, општини и геодетски фирми ќе работат со катастарот електронски. Нотарите директно во електронскиот катастар ќе ги запишуваат договорите за купопродажба и хипотеките, системот на електронски дозволи на општините ќе биде поврзан директно со електронскиот шалтер, а геодетските фирми ќе ги проверуваат геодетските елаборати електронски.
Во март, според Трпески, во Македонија ќе биде издаден првиот имотен лист од подземниот катастар, а во мај масовна проценка на недвижностите со воспоставување регистар на цени. До крајот на следната година треба да заврши процесот на дигитализација на катастарските планови.
Според Трпески, 2013 Катастарот ја завршува со рекорден број примени и решени предмети. - Заклучно со 20 декември примени се 1.057.936 предмети, а нерешени се 1.330, што е апсолутен рекорд во историјата на катсастарот. лани од 1.027.000 примени предмети нерешени беа 1.957 предмети, а во 2005 година биле примени 386.000 предмети, а нерешени 21.000, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Во тек на годинава Катастарот издал 548.089 имотни листови, како и 192.878 копии од катастарски план, историјати, идентификации за катастарски парцели... Се работело на вкупно 166.679 предмети со пријави за промена на податоци во катастарски операт и план, со или без геодетски елаборати. Од нив 75.404 се легализирани згради и помошни објекти, а 799 легализирани базни станици и запишани во катастарот.
Вкупно се запишани 13.542 хипотеки во вредност од 3 милијарди евра, а се избришани 8.316. Лани имало впишување на 11.000 хипотеки, но вредноста изнесувала 5 милијарди евра. Службите на Катастарот работеле и на запишување 3.541 судска забрана и на бришење 530 такви забрани, а извршиле пердбележувања на 1.241 објект во фаза на градба
Од вкупно 81 општина досега Катастарот склучи договор за издавање имотни листови со 63. Според Трпески, што поскоро договор треба да се склучи со уште 20-ина општини бидејќи ги кршат законите за градење и за катастар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа