Бомба фрлена врз куќата на фудбалски менаџер
Куќата на Енди Бара, хрватски фудбалски менаџер, била цел на напад на непознат сторител.
Според „Јутарњи лист“, околу 00.50 часот непознато лице фрлило експлозивна направа во дворот на домот на поранешениот фудбалер, сега фудбалски менаџер, на улицата Херцеговачка во Загреб.
Нема повредени, но е причинета материјална штета, додаде споменатиот извор. Полициската истрага е во тек.
„Да бидам искрен, ништо не слушнавме. Сите спиевме, дури и децата. Очигледно некој фрлил многу силна петарда, повредено е само кучето. А да беше бомба, како што велат, веројатно половина од куќата ќе беше уништена”, изјави Бара за „Т портал“.
Бара во текот на својата кариера играше во Шпанија, каде што беше во јуниорскиот тим на Валенсија (пред тоа на Динамо), како и во Легија Варшава. Во Полска играше и за Знич од Прушков, каде што Роберт Левандовски ја почна својата кариера.
Сепак, тој дури подоцна се прослави како менаџер на други фудбалери. Меѓу сите негови зделки најмногу се издвојува доведувањето на Дани Олмо во Динамо од младинскиот систем на Барселона.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа