Македонија во фокусот на ЦИА уште од 1958 година - еве што велат тајните документи
Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) уште од 1958 година се обидувала да го дефинира поимот Македонија.
За етнички и географски да го дефинира македонското прашање, ЦИА изработила анализа која била доверлив документ, но сега е достапна за јавноста согласно законот за пристап до податоци од јавен интерес. Сокриени се имињата на функционерите - нарачатели на анализата, но во неа пишува дека барањето потекнува од Географското одделение на ЦИА, на сопствена иницијатива и дека со оваа анализа ќе се добијат информации од важност за тогаш влошените односи меѓу Бугарија и Југославија и подобрените односи меѓу Грција и Југославија.
Конечниот документ кој го објавува МИА е насловен Македонија – вечно јаболко на раздорот, бил објавен на 19 ноември 1958 година, на четири страници, вклучително со мапа на географската област Македонија и содржи интересни информации за политичките игри на големите сили околу Македонија.
- Освен од вредноста на самата територија, географската позиција на Македонија ја прави важна и за Југославија и за Советскиот Блок. Југословенската Македонија е потенцијален воздушен коридор, а во помала мерка и копнен мост, меѓу отсечената Албанија и остатокот на Советскиот Блок. Додека Југославија беше лојален советски сателит, интересот на Блокот во овој регион беше заштитен. Но, со протерувањето на Југославија од Блокот, Албанија се најде како изолирана енклава. За Југославија, пак, Македонската народна република служеше во повоените години како магнет со кој Тито се надеваше дека ќе ги привлече и бугарската и грчката Македонија, со што на Југославија ќе и обезбедеше излез на Егејско Море и значително ќе ја зголемеше сферата на нејзино влијание на Балканот, стои во анализата на ЦИА.
Анализата била нарачана набргу по прогласувањето на автономната Македонска православна црква, а во време кога и Бугарија и Албанија почнале да ја осудуваат Југославија за односот кон нивните малцинства во Македонија, што за ЦИА било знак дека Москва подготвува терен за можен напад врз Југославија. Во анализата на ЦИА се вели дека регионот не е етнички хомоген и има мнозинско население од Македонски Словени, потоа Бугари, Срби, Грци, Албанци, Турци и Власи. Според ЦИА, Македонците почнале да развиваат поизразена национална свест за време на Балканските војни и Првата светска војна, под притисок на Србија и Бугарија, а по Втората светска војна ЦИА опишува игра на Белград и Софија за контрола врз Македонија.
- Плановите на Тито подразбираа припојување на бугарската и грчката Македонија во Народна Република Македонија, а федерација на остатокот на Бугарија со Југославија. Бугарија, пак, сакаше да се создаде автономна македонска држава во која бугарскиот, југословенскиот и грчкиот дел ќе бидат споени во рамките на лабава федерација на комунистички балкански држави. Москва првично го прифати планот на Тито, а потоа го смени мислењето, само неколку месеци пред раскинувањето на односите меѓу Југославија и Коминформата во 1948 година. Потоа, Коминформата како да го прифати бугарскиот пристап кон Македонското Прашање. За време на кусото стоплување на односите меѓу Југославија и Советскиот Блок (1955 - 1958) повторно заживеа планот за анексија на бугарска Македонија кон Југославија, но не беа преземени конкретни чекори за негово реализирање, се вели анализата на ЦИА.
Географското одделение на ЦИА го споменува и именувањето на трите дела на Македонија, изразувајќи загриженост само за изразот Егејска Македонија. За разлика од Вардарска и Пиринска Македонија кои се оценети како неспорни, изразот Егејска Македонија е заведен со забелешка дека Грција оваа област ја нарекува Дхиамерисма Македхониа, додека Егејска Македонија е „израз со словенско, можеби југословенско потекло и концепт кој би подготвен со очигледна политичка цел да се замени изразот Грчка Македонија“.
- Грците, иако не се вклучени во актуелната расправија, разбирливо се чувствителни кон секое покренување на Македонското Прашање. Во грчката Македонија е и Солун, вториот најголем град и пристаниште во Грција, како и некои од најважните земјоделски, рудни и енергетски ресурси на државата. Регионот извезува половина од грчкиот тутун, кој е главен извоз на земјата. Во тек се планови за искористување на наоѓалиштата на лигнит Птолемаис, кои се најважниот потенцијален извор на енергија во Грција. По Грчката граѓанска војна (1946 - 49), Владата обновува некои од пограничните села кои беа напуштени од нивните славјано-фонски жители кои бегаа или беа протерани кон комунистичките земји на север. Овие села се населуваат со етнички Грци, пишува во анализата на ЦИА, во која се додава дека и Грција и Бугарија вложуваат големи напори да обезбедат струја и вода во пограничните македонски села, со цел да остават впечаток кон другата страна дека животот кај нив е подобар и понапреден и со тоа да спречат сецесија.
Анализата се завршува со оценка дека Македонија е во состојба на Студена војна, за која постои опасност да се претвори во вистинска војна на Балканот.
- Иако вербалните размени меѓу Југославија и Бугарија делуваат дека се само пропагандна војна, тие укажуваат на фактот дека и покрај еднодецениското примирје, Македонија останува потенцијално проблематично место. Иако спорот околу Македонија би требало да останува со статус на „студена војна“, изразите на загриженост за интересите на Македонските Словени – независно дали се искрени или лажни – се извонредно оружје за водење на таква војна, заклучува анализата на ЦИА, пренесува МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа