Обвинение за организирана проституција и дрога: Полицаец и затворски чувар дел од групата
По завршувањето на истражната постапка која ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во која учествуваа полициски службеници од Истражниот центар на ОЈОГОКК и од Одделот за организиран и сериозен криминал на МВР на РСМ, јавниот обвинител од ова обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против 10 лица и едно правно лице.
Седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело Посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело Оддавање службена тајна.
Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник.
Во текот на истражната постапка, тројца од осомничените го признаа извршувањето на делата и се спогодија со обвинителството. Врз основа на предлог спогобите на две лица за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Оддавање службена тајна. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа