Тошковски: Сите што ќе запалат знаме ќе завршат во затвор

 

Собранието вечерва со 7 гласа „за“, 63 „против“ и без ниту еден воздржан ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Селективното дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирањето еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба, се само некои од причините за интерпелацијата против министерот Тошковски што ја поднесе коалицијата Европски фронт.

Како што рече вечерва пратеникот Елми Езири, образложувајќи ја интерпелацијата во Собранието, Тошковски не ги исполнува своите обврски и затоа треба да понесе одговорност.

Во дискусијата се вклучи и пратеникот Павле Арсоски од Движењето ЗНАМ, кој е и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, и рече дека е испровициран со некои констатации кои се наведени во интерпелацијата, како на пример дека е нарушена безбедноста и меѓуетничките односи, дека има селективен и едностран пристап на полицијата во инцидентите само кон Албанците, дека не било преземено ништо за запаленото албанско знаме…

– Интерпелацијата е полна со невистини, извртени констатации и спинови. Ова е обичен дефокус од борбата против криминалот и корупцијата која во моментов се случува во државата – нагласи Арсоски.

Според него, нема нарушени односи, а проблемот е ДУИ која после 20 години е надвор од власта.

Тој потенцира дека интерпелацијата е комплетно неоснована и за Тошковски и за неговиот заменик-министер и дека полицијата ефикасно ја спроведува работата.

Во одговорот на интерпелацијата, Тошковски потенцира дека ќе одговара секој што ќе запали државно или знаме на која било етничка заедница.

– Секој што згрешил, ќе одговара, а и сите што ќе запалат знаме на кој било етникум и притоа има докази ќе завршат во затвор. Тоа не е закана. Во врска со 28 ноември, Македонецот кој го запали албанското знаме истиот ден беше спроведен пред надлежен орган, а следниот ден беше во притвор, а во притвор завршија и тројцата Албанци кои го запалија македонското знаме – подвлече министерот.

Тој информира дека откако е министер за внатрешни во земјава е намален бројот на убиствата и криминалот, за 17,8 е намален бројот на жртви од убиства, а за 35 проценти е намален и бројот на кражби.

Во тек е интерпелацијата за работата на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени.

10.01.2025 - 23:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега