Милошоски: Обраќањето на Сиљановска Давкова сеопфатно
Обраќањето на претседателот на државата Гордана Силјановска Давкова беше сеопфатно обраќање коешто ги опфати и нејзините надлежности, но се осврна на одредени теми кои се актуелни во македонското општество, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
– Тоа што сакам да го потенцирам е што има координација во надворешната политика меѓу претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи. Сметам дека таа координација е неопходна за да може да се постигнат посакуваните резултати. Она што го потенцира претседателката како нејзина идеја и заложба дека и опозицијата би било добро да се вклучи во градењето на еден национален консензус за надворешно политичките цели на Македoнија. Сметам дека е добра замисла, но според мене реално не знам дали би била остварлива цел, барем во овие моменти, рече тој.
Милошоски нагласи дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати, бидејќи, како што рече, се доведуваме во ситуација да мериме емоции и историски недоразбирања.
– Сакав да ја потенцирам исто така нејзината определба за евроинтеграциите, која што не е безусловна, туку гледаме дека содржеше во себе и аргументирана критика на принципот на билатерализација на евроинтеграциите. Го делиме мислењето дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод, ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати на членки во ЕУ, бидејќи наместо да се мерат стандардите и постигнувањата согласно Копенхашките критериуми, се доведуваме во ситуација да мериме емоции, историски настани или политички недоразбирања. Се надевам дека во еден глас, и сите оние кои се занимаваат со надворешна политика, но и претставниците на опозицијата, ќе го испратат ова како порака до своите соговорници, секогаш и секаде каде што имаме можност да ја претставуваме Македонија како наша заедничка држава, рече Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа