Мицкоски: Скоро сите банки ќе учествуваат во проектот за кредитирање на компаниите со унгарскиот заем
Речиси сити банки прифатиле да ги пуштат во оптек парите од унгарскиот заем, а со кои треба да се кредитираат македонските компании, информираше денеска од Охрид, премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека кредитите за компаниите ќе бидат до дест милиони евра и тоа за инвестиции. Минималното учество на инвеститорот е 20 проценти, од самиот проект.
- Каматата ќе биде 1,95 проценти која што ќе ја добијат компаниите, нешто што претставува најниско во регионот и во Европа, до три години грејс период, до 15 години рок на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот, има компании коишто сакаат помали рокови. Затоа го ставивме тоа да биде и флексибилно.Така што, сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија ќе користат итн., ќе бидат дел од овој проект, изјави Мицкоски.
Прашан како ги коментира изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за издавањето на кредитите за стопанството, Мицкоски со одговор дека понекогаш се чуди на изјавите од опозицијата.
-Имам чувство како некој намерно да го мести. Тешко на новоизбраниот претседател на СДСМ, бидејќи од сите комори, од стопанствениците, од компаниите стигаат навистина позитивни вести, воодушевување итн., и благодарности, само од него успеавме да слушнеме критика. Немам што да коментирам, вели Мицкоски.
Тој упати и совет до опозицискиот лидер, Филипче што побргу расчисти во неговите советнички тимови и како што рече Мицкоски „толку подобро ќе биде и за државата, бидејќи ќе имаме навистина конструктивна опозиција“.
- Затоа што ваков тип на пораки, сега ние мораме да ги коментираме, бидејќи станува збор сепак за најголема опозициска партија, но навистина се чудам. Во најмала смисла се чудам, изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на СДСМ, Мицкоски вели дека ова треба да биде пракса, бидејќи и тој кога бил избран за лидер на ВМРО ДПМНЕ побарал средба со тогашниот претседателот Ѓорѓе Иванов и премиер Зоран Заев.
- Јас жалам што изминатите пет месеци новоизбраниот претседател на СДСМ не побара средба со лидерството на државата. Но, добро го оценувам и позитивно го оценувам чекорот да побара средба со претседателот на државата, професорката Гордана Силјановска-Давкова. Така што, ова треба да биде една пракса во иднина, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа