Доаѓа снегот: Викендов првите снегулки и во Скопје
Под влијание на голем влажен бран од запад и од северозапад, полека од западните предели на Македонија започнуваат врнежи од дожд, кои во текот на денов и вечерва ќе се прошират во најголем дел од државава. Локално особено во западните предели ќе има услови и за ретка појава на грмежи.
Особено обилни врнежи ќе има во западните предели, каде лоаклно ќе наврне над 40 литри дожд на метар квадратен. Сето ова ќе биде проследено со засилен до силен ветер од јужен и од југозападен, а вечерва и од западен правец (повремено и локално со брзина од над 90 км/час).
И во Скопскиот регион во текот на денов ќе започнат врнежи од дожд, проследени со повремено силен ветер од јужен и од југоисточен правец.
Поради продор на многу поладен воздух од север, од претстојната ноќ ќе имаме големо заладување на времето, и ветерот својот правец ќе го промени во северен и во северозападен и повторно повремено ќе биде силен на интензитет и во текот на утрешниот ден (сабота) повремено и локално ќе достигнува брзина од над 75 км/час.
Поради заладувањето, во текот на претстојната ноќ и утре претпладне, на повисоките места и на планините врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка. Повремен снег во текот на ноќта и утре претпладне ќе има и во пониските места (градовите) во северните и во западните предели од Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа