САД: Севернокорејци во руски униформи се движат кон Украина
Шефот на американската одбрана Лојд Остин денеска изјави дека Вашингтон е „сè повеќе загрижен“ поради можното распоредување на севернокорејски војници во руската војна против Украина.
Тој рече дека некои од илјадниците севернокорејски војници испратени во Русија веќе се доближиле до границата со Украина и оти носат руски униформи и руска опрема, пренесе ДПА.
Американскиот министер за одбрана рече дека Кремљ очигледно има намера да ги искористи Севернокорејците за поддршка на руските војници во регионот Курск во близина на границата со Украина, развој што тој го нарече „вознемирувачки“.
Според проценките на САД, досега од Северна Кореја во Русија се испратени околу 10.000 војници.
– Свртувањето кон една држава како што е Северна Кореја само ги покажува проблемите коишто ги има Путин, рече Остин на прес-конференција.
– Ние го сфаќаме ова многу сериозно. Го повикуваме Кремљ да го промени курсот, нагласи тој.
Јужнокорејското разузнавање претходно соопшти дека севернокорејските војници во Русија носат руски униформи и дека им биле дадени лажни идентитети за да го скријат своето вистинско потекло.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа