Студентите се сретнаа со министерот Андоновски: Ќе има ли исклучиво електронски упис?
Универзитетското студентско собрание при УКИМ денес оствари средба со министерот за дигитална трансформација, м-р Стефан Андоновски, на која беа дискутирани неколку важни точки поврзани со подигнување на студентскиот стандард преку процесот на дигитализација во високото образование.
„Се фокусиравме на следново:
- Дигитализирање на статистички обрасци кои ги пополнуваат студентите, во соработка со Државниот завод за статистика и Министерството за дигитална трансформација, со цел побрза и поефикасна размена на податоци меѓу институциите;
- Електронско аплицирање за ЈСП студентската картичка, како и електронско аплицирање за здравствено осигурување за студентите, со што ќе се елиминира потребата од физичка апликација и непотребни административни процедури;
- Воведување исклучиво електронски упис на студентите на факултет што ќе ја олесни процедурата за новите генерации;
- Иницијатива за дигитализација на книгите за запишани и дипломирани студенти, обезбедувајќи трајна заштита и лесен пристап до овие документи;
Со овие иницијативи, целиме да ја поедноставиме и модернизираме секојдневната редица од студенти и работата на образовните институции. Ова ќе го намали времето и ресурсите потрошени на бирократски процеси и ќе придонесе кон зголемена транспарентност и ефикасност“, стои во соопштението на УСС испратено до медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа