Филипче: СДСМ е единствената кредибилна и силна опозиција на актуелната власт


СДСМ забрзано се консолидира после последните избори, имаме предизвици, но немаме дилеми за правецот во кој што се движи партијата, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција. Во своето обраќање, Филипче посочи дека СДСМ ќе биде конструктивна опозиција и ќе ги поддржи политиките кои се во интерес на граѓаните.

„СДСМ е единствената кредибилна и силна опозиција на актуелната власт. СДСМ имаше грешки во минатото. Ние сме свесни за нив, отворено зборуваме за нив и се трудиме да учиме од нив. Но, СДСМ никогаш не направи грешка во однос на стратешките интереси на оваа држава како што е тоа случај со актуелната власт. СДСМ е подготвенa директно да се соочи со изневерените очекувања, изговорите и разочарувањата од власта после првите 100 дена од нивното владеење. СДСМ директно и без калкулации и со сите демократски методи кои ни се на располагање ќе се спротивстави на сите погрешни политики “, рече Филипче.

На прес-конфренцијата, Филипче нагласи дека за СДСМ политиките за евроинтеграација, повисоки плати, пензии, социјална заштита и добрите меѓуетнички одоси остануваат столб на дејствување на партијата.

„Нема да дозволиме Мицкоски да ја претвори Македонија од држава во првата лига на држави кои напредуваат кон ЕУ во тажна и изолирана периферија на Европа. Нема да дозволиме системот на постојан раст на минималната плата, на просечната плата и на пензиите да се претвори во политика на продуцирање на нова сиромаштија, нов бран на иселување и на евтина работна сила. Нема да дозволиме она што го направивме како систем за раст на платите и пензиите да се претвори во политичка алатка на Мицкоски за уценување на работниците и пензионерите“, рече Филипче, и  додаде дека СДСМ се залага за Македонија како држава на слободни граѓани,  со пријатели во регионот, во Европа и во светот, држава во која ќе се врати довербата во подобра иднина.

01.10.2024 - 15:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега