Бајден: Мора да се избегне сеопфатна војна

Заменик-шефот на Хезболах рече дека милитантната група со седиште во Либан е подготвена да ја продолжи својата борба против Израел и е подготвена за долга војна.

Телевизиската изјава на Наим Касем дојде неколку дена по израелскиот воздушен напад во кој беше убиен долгогодишниот лидер на Хезболах Хасан Насрала, и беше првиот јавен коментар од висок функционер на Хезболах по нападот.

Касем рече дека Хезболах ќе именува нов лидер што е можно поскоро.

Претходно денес, израелски воздушен напад погоди станбена зграда во Бејрут во првиот очигледен напад во градот по избувнувањето на прекуграничните борби меѓу Израел и милитантната група Хезболах пред речиси една година.

Израелската војска не ги спомна нападите во областа рано денес, но рече дека изведува воздушни напади во јужен и источен Либан против цели на Хезболах.

Петочниот напад во кој беше убиен Насрала дополнително ги зголеми стравувањата од проширување на регионалниот конфликт, додека Израел се бори и со милитантите на Хамас во појасот Газа.

Хамас во понеделникот соопшти дека во израелскиот напад врз бегалскиот камп Ал-Бус во јужниот либански пристанишен град Тир бил убиен неговиот лидер во Либан, заедно со неговата сопруга и двете деца.

Франција бара итен прекин на израелските напади во Либан, додека Саудиска Арабија денес изрази „голема загриженост“ за ситуацијата во Либан и рече дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан треба да се почитуваат.

Американскиот претседател Џо Бајден им изјави на новинарите доцна во неделата дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Запрашан дали може да се избегне сеопфатна војна, Бајден рече: „Тоа мора“.

Либанското министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1.000 луѓе биле убиени, а 6.000 биле ранети во последните две недели.

Пребројувањето не вклучува податоци за тоа колку од загинатите се милитанти и цивили.

Покрај тоа, либанската Влада вели дека околу 250.000 луѓе остануваат во засолништа откако ги напуштиле своите домови за да избегаат од борбите.

Во борбите загинаа 49 луѓе во Израел, а десетици илјади луѓе се раселени во близина на границата.

Запрашан за неодамнешните настани во регионот, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави за „Еј-Би-Си“ дека „Израел има право и одговорност да ја елиминира оваа закана за нивниот народ и за нивната земја“.

„Во исто време, ние веруваме дека треба да бараме начини за деескалација на тензиите“, додаде тој.

Иранскиот министер за надворешни работи рече дека смртта на Насрала „нема да остане без одговор“, а Техеран прогласи петдневна жалост за него.

Израелските аналитичари велат дека очекуваат некаков одговор за убиството на Насрала, но тој би можел да биде насочен и кон израелски или еврејски цели во странство.

Израел ги повика Израелците во странство да бидат претпазливи и ја засили безбедноста околу израелските амбасади.

Израел вели дека продолжува да ги одржува истите цели – да го ослабне Хезболах за да можат Израелците кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради ракетните напади на Хезболах во близина на либанската граница, и да ги ослободи 101 израелски заложници кои Хамас продолжува да ги држи во Газа.

Хезболах ја прекина релативната смиреност долж границата по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври врз Израел, што ја предизвика војната во Газа.

Израел вели дека Хезболах оттогаш истрелал речиси 9.000 ракети врз заедниците во северен Израел.

Милитантната група вели дека дејствува во знак на солидарност со Палестинците и нејзиниот сојузник поддржан од Иран, Хамас.

Хамас е прогласен за терористичка група од САД, Обединетото Кралство, Европската Унија и други.

Хезболах, исто така, е терористичка група означена од САД.

30.09.2024 - 19:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега