Екстремната десница победи на изборите во Австрија прв пат по Втората светска војна

 

Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) победи на парламентарните избори во неделата, што е прва победа на крајната десница на австриските парламентарни избори по Втората светска војна, но неизвесно е дали ќе успее да формира владина коалиција.

Според прелиминарните резултати, ФПО освоила 29,2 отсто од гласовите, додека Австриската народна партија (ОВП) на канцеларот Карл Нехамер добила 26,5 отсто од гласовите, централно-левичарската Социјалдемократска партија 21 отсто од гласовите, според АП.

Владата во заминување – коалиција на партијата на Нехамер и Зелените – го загуби мнозинството во долниот дом на парламентот.

Лидерот на ФПО, Хербер Кикл, поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен стратег, кој е на чело на партијата од 2021 година, сака да биде канцелар, но за да го стори тоа ќе треба да најде коалициски партнер за да обезбеди парламентарно мнозинство.

Сепак, лидерите на спротивставените партии најавија дека немаат намера да соработуваат со Кикл во новата влада, потсетува АП.

Ројтерс пренесува дека најверојатното партнерство на Кикл е со ОВП, која, како и тој, сака да воведе построги регулативи за миграцијата.

55-годишниот Кикл пред изборите вети дека ќе ги депортира барателите на азил и дека ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија.

Вчера Нехамер повтори дека нема да го назначи Кикл за канцелар во коалициската влада, додека Кикл вети дека нема да ја предаде челната функција на Австриската народна партија доколку ги победи.

Тој рече дека ќе го следи политичкиот модел на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во Австрија преговорите за формирање на владејачка коалиција традиционално траат со месеци, а не со недели, така што преговорите би можеле да се прошират до следната година, пишува Блумберг.

30.09.2024 - 10:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега