Герасимовски: Посветени на еднакво образование за сите, ангажирани се лични асистенти


Општина Центар обезбеди лични асистенти за 23 ученика со посебни образовни потреби, со што во целост им одговори на барањата на основните општински училишта за овој вид инклузивна поддршка. Од општинските служби најавуваат дека по адаптацијата на првачињата, можно е да се јави потреба од зголемување на бројката на лични асистенти за што локалната самоуправа има обезбедено средства во буџетот. Потенцираат дека повеќето ангажирани асистенти имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика, а меѓу нив има лиценцирани и стручни лица.

,,Запознат сум со профилот на личните асистенти со кои ги потпишавме договорите за работно ангажирање во проектот „Образование за сите”. Можам да кажам дека и годинава имаме квалитетен кадар. Асистентите се од голема помош за севкупниот наставен процес. Со нивна поддршка на учениците им се обезбедува полесен пристап и движење низ училишните простории, совладување на образовните содржини и адаптација и прифаќање во средината “, посочува градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Личните асистенти се ангажирани со скратено време од 20 работни часа неделно, во период од 9 месеци.

За нивниот ангажман добиваат паричен надоместок во висина од 15.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.

Општина Центар е една од ретките општини во државата која години наназад доследно и со свои сопствени сили го финансира проектот „Образование за сите“.

18.09.2024 - 12:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега