Иванов: Го зацврстивме меѓународниот углед на Република Македонија
Заложбите за зацрвствување на меѓународниот углед, зајакнување на економската состојба и реформите потребни за евроатланската интеграција на Македонија беа водилка во мојата работа од моментот кога го преземав мандатот, оцени македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.
- Во 2009 година, во моментот кога ја преземав должноста претседател, на надворешнополитички план, Република Македонија сè уште закрепнуваше од неправдата од Букурешт. Оптимизмот со кој го очекувавме нашето заслужено членство во НАТО се претвори во огромно разочарување. Но, за неполни пет години работите се сменија, затоа што не потклекнавме и не прифативме непринципиелни ултиматуми, рече Иванов.
Додаде дека во таа насoка Македонија имала и голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.
- Македонската посветеност кон слободата, мирот, безбедноста и демократијата во светот е меѓународно ценета. На сите мои бројни средби низ светот, светските лидери и воените команданти истакнуваат дека македонските мировници доследно ги споделуваат одговорностите и ризиците со нашите партнери и сојузници, рече Иванов.
Осврнувајќи се на процесот на членство на Македонија во ЕУ, претседателот Иванов посочува дека целиот негов мандат е проследен со позитивни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија.
- Пет години по ред добиваме препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Со напорни реформи заслужено ја добивме визната либерализација за нашите граѓани. Имавме успешно претседавање со Советот на Европа и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Останавме посветени на нашата европска политика. Како претседател на европска држава, постојано ги потсетував нашите европски партнери дека Европската унија е мировен проект, и дека нема да биде целосна без Македонија во неа, истакна македонскиот претседател.
Посочи дека напорно и посветено работел на зацврстување на меѓународниот углед на Република Македонија.
- Во текот на мандатот, претставувајќи ја Република Македонија на меѓународната политичка сцена, досега остварив преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Имав преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. За време на мандатот имав повеќе од 400 средби со странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Подеднакво внимание посветував и на европските и на воневропските центри. Тоа, секако, даде резултати. Со поддршка од дури 177 земји-членки на Обединетите нации, Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание за заложбите на Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство, рече Иванов.
Тој се осврна и на унапредувањето на старите и создавање нови пријателства за Македонија. Со сите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Обединетото Кралство и Франција, посочи Иванов, ги продлабочувавме старите и градевме нови односи.
- За време на мојот мандат се зголеми бројот на признавања и на воспоставени дипломатски односи со земјите во светот. Како држава организиравме светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Станавме препознатливи во светот како микрокосмос на религиски плурализам. Ја потврдивме и ја зацврстивме улогата на Македонија во Алијансата на цивилизациите. Сето тоа се должи на нашата отвореност. Од денот на инаугурацијата, при првото обраќање во ова Собрание ја промовирав отвореноста кон сите како врвен принцип во надворешната политика. Принцип, благодарение на кој, го отворивме патот на Република Македонија кон новите и растечки евроазиски пазари, посочи Иванов.
Оврнувајќи се на односите со земјите од регионот и соседството, истакна оти многу вложил во создавањето амбиент за поуспешна билатерална и мултилатерална соработка со сите нив.
- Ги започнавме регионалните претседателски самити со претседателите на Албанија, Црна Гора и Косово. Во време кога беше изолирано, се залагавме да го вклучиме Косово во регионалната соработка. Никогаш не ги заборавав македонските заедници, не само во соседството, туку и пошироко. Каде и да одев, се среќавав со нив. На многу заслужни поединци и организации од дијаспората, кои придонеле за Македонија, симболично им се заблагодарив со државни признанија.Постојано тврдам дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот. Уверен сум дека недоразбирањата пред кои се најдоа билатералните односи со Република Бугарија се состојба што ќе биде надмината. Сакаме да ги градиме и да ги развиваме односите во духот на пријателството и добрососедството, рече македонскиот претседател.
Направивме сè, рече, за успешно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. - За жал, старите балкански комплекси и предрасуди повторно заживеаја во пресрет на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот. Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да го откажам Самитот. Не дозволив преку грбот на Македонија да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија, рече Иванов.
Додаде оти во името на државата со државни одликувања им се оддолжил на некои од македонските пријатели кои застанаа зад нас, кои нè признаа и поддржуваа, тогаш кога многумина нè негираа и нè обесхрабруваа.
Иванов истакна дека преку личен пример, целиот мандат инсистирал на активна, професионална и прагматична дипломатија, но и на проактивна економска и јавна дипломатија.
- Целата дипломатија ја ставивме во функција на економскиот развој на државата. Пет години светот се наоѓа во глобална финансиска криза. Но, и во такви услови како држава успеавме да го отвориме патот за странски инвестиции во Македонија, но и за македонските производители на странските пазари. Со сето она што беше преземено од страна на Владата, успеавме да отвориме големи економски можности за нашата татковина. Успеавме да ја внесеме Македонија во планот за гасоводот „Јужен тек“. Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија.Ја вклучивме Република Македонија во иницијативата на Народна Република Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура, посочи Иванов.
Потенцира и дека е издејствувано највисоко на агендата на регионот да биде поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 и Коридорот 10. Тоа, рече, значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашата држава и на нашиот регион.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа