Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува со запишување на студенти на прв циклус студии на студиските програми во академската 2024/2025 година, со што добиваат можност да се запишат вкупно 9921 студенти, односно 4761 редовни студенти во државна квота, 4210 редовни студенти со кофинансирање и 950 вонредни студенти .
Имено, на Универзитетот имаат можност да се запишат и повеќе од 1000 странски државјани на повеќе од 180 студиски програми.
Документите за пријавување, согласно Конкурсот за запишување, во првиот уписен рок се поднесуваат денеска и утре, на 29.8.2024 и на 30.8.2024 година, на 17.9.2024 и 18.9.2024 во вториот уписен рок и на 27.9.2024 година во третиот уписен рок.
Секој заинтересиран кандидат, пред роковите за пријавување има можност да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот.
Како и во претходните години, така и оваа година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за своите студенти обезбедува повеќе видови стипендии.
„И годинава се доделуваат 240 стипендии, наменети за студентите кои се запишани во прва година на прв циклус студии на факултетите на УКИМ во Скопје. Овие стипендии се распоредени по 10 за секој Факултет“, информираа од Универзитетот.
Оттаму наведоа дека оваа учебна година е петта по ред, во која, во единиците на УКИМ стипендираат најмалку по еден студент од секоја студиска програма и од секоја студиска година, за кој родителското право го врши само еден родител.
„На тој начин УКИМ овозможува најмалку 720 студенти за кои родителското право го врши само еден родител, да платат половина од износот на уписнината за прв циклус студии“, истакнаа од Универзитетот.
Дополнително, како што посочија, студентите имаат можност да добијат над 40 стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД, како и над 10 стипендии од Фондацијата „Константин Стојанов“.
Од Универзитетот ги повикаа сите заинтересирани идни студенти да се приклучат на факултетите кои ги нуди и да се стекнат со врвно образование што ќе им овозможи да го изградат сопствениот кариерен пат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа