Со првата полуфинална вечер утре стартува Евровизија

 

Првата полуфинална вечер на 58 - то натпреварување за „Песна на Евровизија“, ќе биде одржано утре во Малме арената во Шведска.

Натпреварувањето ќе го отвори претставничката од Австрија, Наталија Кели, а потоа следат Естонија, Словенија, Хрватска, Данска, Русија, Украина, Холандија, Црна Гора, Литванија, Белорусија, Молдавија, Ирска, Кипар, Белгија и Србија.

Право на директен пласман во финалето имаат претставниците од „Големата петорка“- Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија, Италија и претставникот на земјата домаќин на Евровизија - Шведска.

Десетте финалисти ќе ги избере стручно жири и публиката од земјите учеснички на првото полуфинале, но и две земји од таканаречената „Голема петорка“, Велика Британија и Италија, како и домаќинот на Шведска.

На официјалниот евровизиски портал во март објавен е нов правилник за начинот на гласање на жирито и публиката. Сега ќе се оценуваат сите натпреварувачки песни наместо поранешното правило кога бодовите од 1 до 12 се доделуваа само за десетте најдобри песни според мислењето на публиката и жирито.

Резултатите од гласањето на секој член на жирито на одредена земја ќе се спојат за да се добие вкупен поредок, од прво до последно место. На истиот начин ќе се пресметуваат гласовите на публиката.  Со спојување на вкупниот резултат на гласањето на жирито и резулатите од гласовите на публиката ќе се добие вкупниот поредок на сите учесници.

Пејачката Лорен, победничка на натпреварувањето во главниот град Азербејџан, Баку во 2012 година со песната „Еуфорија“ и овозможи на Шведска организација на 58-от музички телевизиски спектакл. Омиленото шоу  петти пат ќе биде одржано во Шведска, а втор пат во градот Малме.

Овогодишниот слоган на песната на Евровизија гласи „Ние сме едно“ (We are the one), укажувајќи на богатството на различните култури кои се преплетуваат во таа земја, желбата за единство и слога меѓу народите, а заштитен знак на овогодишниот натпревар е пеперутка.

Сцената во Малме арената исто така ќе биде во форма на пеперутка, а организаторите сакаа атмосферата да биде поинтимна и во прв план да биде музиката. Основата на главната сцена во арената ќе биде во кружна форма со писта која води до споредната бина на другиот крај на арената.

Дизајнерите Виктор Братстрем и Фрида Арвидсон, согласно логото на Песната на Евровизија 2013 одлучиле сценското решение на бината да потсетува на крилјата на пеперутка.

Главната сцена и пистата ќе го заземаат поголемиот дел од партерот од „Малме арената“ која ќе ги пречека претставниците на 39 земји, а остатокот на просторот ќе биде резервиран за публиката која ќе стои.

Македонските претставници Есма и Лозано, со песната „Пред да се раздени“ ќе настапат во втората полуфинална вечер. Второто полуфинале,  кога ќе се претстават уште 17 натпреварувачи ќе биде одржано на 16 мај, додека финалето е закажано за 18 мај, а во конкуренција за победникот на 58-та Евровизија ќе бидат 26 композиции.

Редоследот на настапот во финалето ќе биде познат до 17 мај во 3 часот наутро. Пред тоа, ќе се изврши прелиминарнна жребка на финалистите, со што ќе се одреди во кој дел од вечерта ќе настапуваат натпреварувачите. Веќе е познато дека домаќинот - претставник на Шведска ќе настапи 16., во финалето.

Домаќинот на шоуто во Малме арената ќе биде комичарката Петра Меде

најчитано сега