Нетанјаху: Жалам што не можев да го спречам 7 октомври

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека жали што Хамас успеа да ја нападне неговата земја на 7 октомври и дека не можеше да го спречи тоа, објавија француските медиуми, цитирајќи го интервјуто што Нетанјаху го даде за магазинот Тајм.

Израелскиот премиер досега не се извини за неуспехот на владата и безбедносните служби пред најтешкиот напад во историјата на Израел. Во интервјуто за „Тајм“ тој требаше да одговори на прашање конкретно за извинувањата до неговите сонародници.

-Дали треба да се извинам? Се разбира, се разбира. Длабоко ми е жал што се случи вакво нешто. Постојано гледате наназад и прашувате: Можевме ли да направиме работи за да го спречиме ова?, одговори Нетанјаху.

„Тајм“ го праша и каков ќе биде неговиот став доколку неговиот политички противник беше на власт во Израел на 7 октомври и го претрпе најголемиот безбедносен неуспех во историјата на Израел. Овде Нетанјаху изјави дека неговата позиција ќе зависи од евентуална воена победа.

Во Израел имаше повеќемесечни протести против Нетанјаху поради неговото справување со војната во Газа и повиците за ослободување на израелските заложници однесени во енклавата за време на нападот на 7 октомври.

Во нападот на 7 октомври од страна на борците на Хамас, речиси 1.200 луѓе беа убиени на израелска територија, а околу 250 беа земени како заложници и однесени во Газа. Како одговор, Израел започна операција во енклавата во која загинаа речиси 40.000 луѓе, според палестинските здравствени власти.

Во Газа остануваат и 111 заложници, а се верува дека 39 се мртви.

08.08.2024 - 21:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега