Армиски хеликоптер полета кон пожарот кај Македонски Брод, но се врати оти од премногу густ чад не може да дејствува
Од вкупно триесет пожари вчера, девет се уште се активни, а под контрола за да не се шират се ставени пет, соопшти утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Петнаесет пожари се целосно изгаснати, но Ангелов вели дека не се сигурни оти повторно се разгоруваат. Активните пожари и денес ќе се гасат со ертрактори и хеликоптери.
„Утрово во гаснењето на пожарите приоритет ќе дадеме на пожарот во Општина Чашка во атарот на селата Габровник, Мокрени, Јаболчиште и Дреново кон врвот Лисец. Таму ќе бидат ангажирани два хеликоптера, еден полициски и еден армиски со дополнително ангажирани локални сили, локални пожарникари, месно население и 55 припадници на македонската Армија. Во Општина Македонски Брод во атарот на селото Тажево кон село Брезница ќе биде ангажиран хеликоптер на Армијата, МИ 17. За жал тој полета, но поради премногу густ чад, не можеше да дејствува и мораше да се врати назад. Чекаме расчистување на чадот за истиот повторно да го упатиме таму. Дополнително на земја се ангажирани локални пожарникари и месно население, а имаат и поддршка од 30 припадници на Армијата“, рече директорот Ангелов.
На територијата на Општина Кавадарци кај селото Фариш ќе дејствуваат двата ертрактори на Дирекцијата за заштита и спасување со дополнително ангажирани 20 припадници на специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Во Општина Градско, кај Криволак во насока на Брегалница Ангелов вели дека повторно се развива голем пожар кој што има фронт од десетина километри.
„Тоа е пожарот кој вчера предизвикуваше вознемиреност кај граѓаните на Штип, пожарот чиј чад се чувствуваше и во Свети Николе. Има силно горење иако гори само трева и ниска смрека. Истиот ќе се обидеме да го сопреме на патот кој што оди околу воениот полигон Криволак. Ќе се обидеме да не му дозволиме да го помине патот бидејќи линијата на огнот е многу голема“, вели директорот Ангелов.
Нов пресек на состојбата со пожарите Ангелов најави околу пладне.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа