Ангелов: Исклучително тешко е да се воспостави контрола врз пожарот на Серта
Воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко, гори покрај самиот пат, силите се исцрпени на повеќе места, ефектот од леталата беше добар. Но има многу огнени точки, изјави вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
– Исклучително тежок терен за гаснење на овој масивен пожар што зафаќа огромна територија од планината Серта. Има распоредени сили на земја. Во овој момент нема летала, бидејќи не е безбедно, чадот што го има зад мене, не дозволува на леталата да се спуштат на потребната висина за да гасат, појасни Ангелов.
Од друга страна, нагласи тој, имале проблем кај стрелиштето Криволак.
-Таму се слушаат експлозии, истрели од неиспукани гранати, куршуми и други неексплодирани експлозивни средства од гаѓањата што ги работела армијата во минатиот период. Така што, местото на планината Серта кон самиот полигон Криволак, не е безбедно за дејство од воздух, но не е безбедно ниту за дејство од земја. А безбедноста на луѓето што гаснат е на прво место. Ќе се обидеме со формирање на противпожарни пресеки, онаму каде што тоа го дозволува теренот. Со трактори, булдожери да се изора, да не може огнот да префрли преку нив, подвлече Ангелов.
Но и тоа било многу тешко, бидејќи се работи за исклучително стрмен терен. Терен испресечен со долови, карпи.
– Значи во овој момент ниту еден воздухоплов не дејствува, бидејќи не се исполнети условите за дејство. Поради огромниот чад и планинскиот пат преку Серта е затворен. Температурата е многу висока, навистина е многу жешко и има многу чад, што го отежнува дишењето, ја отежнува работата на сите што гаснат, соопшти директорот на ЦУК.
Тој информираше дека на терен гаснат припадници на македонската армија, на полицијата, пожарникари, ловци, локално население, припадници на „Национални шуми”.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа