Јаневска: МОН е оставен во минус од 5 милијарди денари

 

Јавноста има право да знае Министерството за образование и наука е во минус 5 милијарди денари, но не треба да има грижи, бидејќи ние и со ваков буџет, ќе обезбедиме да има плати за вработените во образованието, да се исплаќа финансиската поддршка за учениците и да расте студентскиот стандард.

Оваа информација ја сподели министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во емисијата „За или Против“ на Алфа ТВ, каде говореше за актуелните состојби во образованието и промените кои ќе следат за време на нејзиниот мандат.

„Ќе се потрудиме да направиме корисни чекори за да се унапреди квалитетот на образованието и веќе имаме позитивни реакции по однос на одложувањето на Концепцијата за основно образование и ревидирањето на наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение“, рече Јаневска, потенцирајќи дека наставниците реагирале на лошата интеграција на предметите и несоодветно предавање на материјата. Осврнувајќи се на инклузијата во образованието, рече дека идејата за вклучување на сите деца со попреченост во редовните паралелки, била избрзана и натурена исто како и Концепцијата за основно образование.

„Има дечиња кои можат да следат настава во редовни паралелки и тие ќе продолжат таму. Но, многу родители се жалат дека нивите деца во овие паралелки се многу повеќе дискриминирани, отколку да бидат со свои другарчиња, слични на себе во посебни училишта. Затоа предлагаме измена на законите за основно и средно образование и заедно со стручната јавност и родителите ќе одлучиме кое е најдоброто решение за инклузија“, рече Јаневска, потенцирајќи дека државата треба на овие деца да им овозможи стекнување вештини со кои ќе бидат корисни и за себе и за општеството.

Министерката говореше и дека постои голем притисок врз наставниците за поправање оценки на крајот од учебната година, но дека има план како да бидат ослободени од тој притисок, а од следната учебна година, како што рече ќе се отвори и телефонска линија за пријавување неправилности во работењето на образовните установи.

16.07.2024 - 20:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега