Бесплатен зимски одмор за 1.000 деца
Околу илјада деца од семејства со социјален ризик ќе одат на бесплатен зимски одмор од 4. до 19. јануари, на трошок на државата. Ова на отворената владина седница го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За децата, како што рече Спасов, обезбедени се шест дена зимување на Пелистер или пет полни пансиони. Децата ќе учат да скијаат и голем дел од времето ќе го поминат на организиран начин.
- Деновите ќе им бидат потполно организирани, согласно програма изработена заедно со Министерството за образование и наука, рече Спасов.
Тој потенцира дека средствата и условите се обезбедени, а утре ќе биде распишан јавен повик и заинтересираните семејства ќе можат да аплицираат.
- Проектот ќе почне од 4. јануари за 1.000 деца. Ако децата имаат одредена попреченост, тогаш имаат право со нив да биде и еден родител, рече Спасов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа