Јаневска: Преземаме мерки секое дете да има пристојни услови за образование
Проектот за оптимизација на училишната мрежа во земјава е во тек, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка и во моментов се обновуваат податоците и се прават анализи. Имаме одредени региони и училишта кои секако не треба и не можат да бидат затворени, кои се на голема оддалеченост и тие ќе опстојат. Но, имаме и училишта кои се на два километра едно од друго, едното е централно училиште во кое има стотина деца, а во подрачното има две до три деца, навистина е не е фер децата да не се приклучат кон своите другарчиња во централното училиште.
Ова го изјави министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на прашањето дали ќе следи затворање на одреден број училишта во земјава.
– Проблемот со малиот број на деца во училиштата првенствено е проблем на децата. Јас би сакала тоа граѓаните убаво да го разберат. Тие деца, кои се по пет, шест во одредено село и тие деца се де факто изолирани од нивните врсници. Се наоѓаат во едно училиште, кое може да е реновирано, но главно се постари, сведени се сами на себе и на своите родители, наставници кои доаѓаат да ја реализираат наставата и одвреме-навреме се менуваат, но тие немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат, да видат смарт табла, да видат ново модерно училиште, да се натпреваруваат со децата од сопствената генерација и дополнително да бидеме чесни и фер, тие училишта се товар на државата, се плаќаат режиски трошоци, рече Јаневска, напоменувајќи дека станува збор претежно за училишта во руралните средини.
Се разбира, додаде Јаневска, превозот на учениците ќе им биде платен, децата ќе добијат оброк, со што планираме да го подобриме и социјалниот живот на учениците, да им дадеме повеќе ангажман на наставниците и сето тоа во корист на децата и стекнување на нивно знаење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа