Средба Муцунски – Сијарто: Унгарија како Претседавач со ЕУ ќе направи напори за забрзување на процесот на проширување на Унијата

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со унгарскиот колега, Петер Сијарто, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон.

На средбата, министрите го потврдија задоволството од развојот на одличната билатерална соработка, при што беше поздравен јубилејот - 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Воедно, беа истакнати заемните заложби за натамошен развој на секторската соработка, со посебен акцент на економијата, инвестициите и бизнис релациите.

Во фокусот на разговорите беше и европското досие на земјава, при што беше реафирмирана цврстата унгарска поддршка за наше полноправно членство во ЕУ. Муцунски изрази задоволство што меѓу приоритетите на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ е токму проширувањето со земјите од Западен Балкан, што е споделен интерес за земјите од регионот и Унијата како целина.

“Високо ја цениме континуираната унгарска поддршка за нашиот евроинтегративен пат. Посветени сме на реформските процеси и силно се залагаме за забрзување на нашето присоединување кон ЕУ. Членството на земјите од Западен Балкан во Унијата нема алтернатива и ќе придонесе за зацврстување на целокупната регионална и европска стабилност”, нагласи Муцунски.

Соговорниците разменија мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО, потребата од продолжување на соработката меѓу двете земји во рамки на Алијансата, како и уверувањето дека Вашингтонскиот Самит, на кој се одбележува 75 годишнината од формирањето на Алијансата, ќе придонесе за зачувување на глобалниот мир и безбедност.

12.07.2024 - 11:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега