Деспотовски: Започнуваме со креирање на новиот тим на СДСМ
Кој ќе биде во тимот со кој ќе работи Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ беше една од темите во фокусот на онлајн сесијата во живо која ја следеа и се вклучија неколку илјади членови и поддржувачи од цела Македонија, како и на средбата со членовите во Кочани, каде ја презентираше програмата Нов почеток, Нов СДСМ. Деспотовски предлага заедно со членството да се дефинираат идните носители на клучни функции во партијата.
„Време е заедно да го креираме новиот тим на СДСМ. Пред да зборуваме за имиња заедно да дефинираме какви луѓе ни се потребни. Се фокусираме на тоа какви профили на луѓе ни требаат за највисоките партиски функции, со какви особини, образование, искуство, биографија. Не кој туку каков. Да не ги прилагодуваме политиките на луѓето, туку луѓето и мерките да ги бираме според политиките кои треба да се спроведат. На СДСМ и државата не и требаат готови, туку чесни и успешни кадровски решенија,“ порача Деспотовски. Во однос на регионалната распределба на клучните места Деспотовски нуди едноставно решение дека ако претседателот доаѓа од изборна единица 1, останатите клучни 5 функции на потпретседатели, генерален и организациски секретар да дојдат од сите останати изборни единици.
„Воведуваме култура на почитување на различни мислења и промовирање на професионален развој, обезбедуваме секој глас да биде слушнат и ценет. Во овој контекст ќе го споменам поранешниот претседател Бранко Црвенковски од кој научив многу. И покрај тоа што имаше изграден став за доста прашања, беше доволно отворен да ги слуша сите на масата од млади, до универзитетски професори, луѓе од цела Македонија. И веројатно имаше доволно трпение и мудрост за да ги сослуша сите и на крај некако низ таков разговор и да го модификува својот став. Клучниот принцип по кој се водам и јас е дека не може една глава да мисли подобро од 50. И не, нема да се опкружам со луѓе кои викаат браво и климаат со глава, туку мислат со своја глава и дават свој придонес,“ рече Деспотовски.
Тој нагласи дека на следните локални избори ќе се случи и практична реализација на еден од основните столбови на програмата а тоа е „Лојалност кон луѓето, не кон лидерот“.
“Кога кандидатите за градоначалници на следните избори ќе ги избере членството преку непосредни избори во самата партија, тогаш тој точно ќе знае каде ќе треба да ја насочи својата лојалност – кон базата во која сите се крстиме. Бидејќи базата е таа која му го дала мандатот а не лидерот во Скопје,“ вели Деспотовски кој е “убеден дека доколку членовите имаа можност да зборуваат отворено и да ги определат кандидатите за пратеници и носителите, и кандидатските листи ќе беа поразлични и можеби немаше да победиме ама сигурно немаше да доживееме ваков дебакл.“
За Деспотовски изборите на 30 јуни се своевиден референдум за тоа дали членството сака да продолжи по старо или сака радикален дисконтинуитет и обединување.
„Доминацијата на струите во партијата, односно доминација на една струја со наметнување на едно решение се случи во 2021 и не мислам дека треба тоа сега да го повторуваме. И затоа отворено излегувам и зборувам и се борам против тоа. Мислам и дека изборите на 30 јуни ќе бидат одреден референдум, дали сакаме континуитет на таков тип на практикување политика каде еден центар кажува се или ќе почнеме да ги слушаме луѓето од кои патем речено зависиме. На овие избори имаме соочување на различни концепти. Концепт на кој почивал еден стар СДСМ и кој сега треба да се претвори во нов почеток и нов СДСМ, и концепт кој се појави во меѓувреме а којшто почива на волјата на два тројца,“ рече Деспотовски и додаде дека “партијата и порано во други тешки моменти била обединета, така што обединувањето сега треба да се случи со сите членови, особено со оние кои моментов се демотивирани, разочарани, гневни, бесни, а не да се случува на ниво на Скопје, посебно не меѓу кандидатите за претседател.“
Деспотовски го повика членството што помасовно да се регистрира и да гласа на 30 јуни за да “за да не остават некој друг да ја крои СДСМ по свој терк“.
“Одлучете сами, за да не одлучи некој друг во ваше име,“ порача Деспотовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа