Со донација реновирана и доопремена Клиниката за детски болести во Скопје

 

 

Нови полици, постелнини, клима уреди, бироа, столчиња и медицинска опрема-стабилизатори за вода, варосани простории доби ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката за детски болести.

Станува збор за донација на компанијата Техномаркет. Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова се заблагодари за опремувањето на собите, како што рече, во еден од  приоритетните оддели на Клиниката, одделот за кардилогија.

- Оваа година почна проектот за неонатална кардиохирургија. Ова е почеток на една акција. Донацијата на компанијата ќе овозможи уште полесно и безбедно да се дијагностицираат сите деца кои имаат проблеми со срцето, посочи Софијанова.

Шефот на одделот, Розана Кацарска рече дека Клиниката оваа година речиси целосно е реновирана и кардиолошкиот оддел во целост ги исполнува речиси сите светски стандарди. Донацијата, посочи таа ќе ни го овозможи работењето во поликлиничкиот дел со пациентите кои секојдневно се прегледуваат во амбулантата.

Таа појасни дека  оваа година биле оперирани 39 пациенти со многу висока комплексност и со одлични постоперативни резултати.

- Ние како доктори сме пресреќни што државата овозможи децата тука да се оперираат. Сите деца се бесплатно оперирани, значи преку Фондот за здравствено осигурување. Ова е голем успех и голема помош на родителите со вродени конгенитални кардиопатии, додаде Кацарска.

Донацијата е реализирана за време на тримесечната кампања „Купуваме и радост споделуваме“ на компанијата која издвојувала дел од прометот и го наменил за доопремување и реновирање на ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката.

Марија Ристовска од компанијата заблагодарувајќи им се на купувачите кои биле дел од хуманатата акција, истакна дека ќе продолжат и натаму да организираат такви општествено одговорни акции, кампањи кои се корисни за целата заедница.

- Идејата беше да го опремиме ЕХО и ЕКГ одделот на Клиниката, да наликува на детска соба со цел на дечињата да им биде поудобно додека се на преглед. Се надевам дека новиот изглед на одделот ќе ги оправда нашите заложби и дополнително ќе мотивира уште многу други компании да го следат нашиот пример, додаде Ристовска

19.12.2013 - 12:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега