Црвен крст до младите: Дарувајте крв
Привлекување што повеќе млади крводарители е целта на Општинската организација на Црвен крст Струга, истакна денеска секретарот Адуриме Даути на свечената седница на која беа доделени благодарници за пет, десет, 25 и 50 крводарувања во текот на изминатата 2023 година.
Годината што измина ја оцени како успешна, со надминување на Годишниот план од 1.800 крводарувања.
- Го реализиравме Годишниот план за крводарување за што добивме и признание од Црвен крст на Република Северна Македонија, годината ја завршивме со 2.015 крводарувања, истакна Даути.
Годишниот план и за 2024 година, според неа, останува ист, но, вели дека секое подобрување е успех за организацијата, а таргет ќе им бидат младите крводарители.
- Оние што даруваат секоја година веќе им е традиција и не го сметаме за најголем успех, тие се наши редовни крводарители. Целта како Црвен крст ни е младата популација да стекне навика и да сфати дека дарувањето крв е хумана мисија и дека треба да се дарува, рече Даути, со апел до младите да доаѓаат да даруваат од бесценетата течност што живот значи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа