Бумбароски: Сите просветни работници ќе земаат плата според колективен договор
„Несомнено еден наставник мора и треба да одржи час без да има учебник пред него, но недостатокот на учебници е проблем за учениците и е проблем за родителите. Ние на часот можеме и без учебник да предаваме но што ќе се случи со учениците кога ќе дојдат дома и треба да го повторат и продлабочат она кое го научиле за време на часот. Ние честопати им даваме и дополнителни материјали и тоа го правиме постојано. Но во недостаток на учебници ние бевме приморани и да диктираме“, рече членот на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ Гоце Бумбароски на денешната трибина образовна платформа за иднина на тема „Нов концепт за развој на образованието“ во Куманово.
Тој продолжи и додаде дека несомнено е потребна дигитализацијата, но пред се потребно е да има печатени учебници.
„Македонија е различна во сите сфери и имаме региони каде можат да бидат дигитализирани, но имаме и реони каде навистина имавме проблем со онлајн наставата и тоа индиректно ни кажува дека дигитализацијата во целост нема да биде успешна онака како што е замислена“, кажа Бумбароски.
Тој истакна дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се насочи кон подобрување на квалитетот на образованието.
„Морам да кажам дека ако сакаме сите промени, активноста која идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја насочи кон подобрување на квалитетот на образованието да биде успешна, а успешноста и воведувањето на сите промени се директно преку наставниците тогаш ние мора да имаме мотивирани наставници. Само мотивирани наставници можат успешно да ги воведат сите новитети сите програми и се она кое сметаме ние дека е наменето за подобрување на образованието во Македонија“, вели Бубароски.
Тој рече дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го потпише колективниот договор за образование.
„Оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ не го потпиша колективниот договор за образование. идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе соработува со сите социјални фактори кои ги претставуваат во сите образовните институции во основното и средно образование и Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го потпише колективниот договор за образование. До крајот на мандатот сите просветни работници ќе земаат плата според колективен договор“, истакна Бумбароски.
Тој посочи дека сите наставници во основно и средно образование ќе имаат правичен развој во својот кариерен развој.
„Исто така важно е сите наставници кои се во основно и средно образование да имаат правичен избор во својот кариерен развој односно да добијат еднакви можности кариерно да напредуваат. Што значи кариерното напредување во звање ментор и советник ќе биде еднакво за сите наставници. Нормално тука ќе има услови, оној што ги исполнува условите кариерно ќе напредува“, заклучи Бумбароски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа