Америка со притисок кон Орбан да го одобри членството на Шведска
Високи американски пратеници изјавија дека сакаат Унгарија веднаш да го одобри членството на Шведска во НАТО, предупредувајќи вчера, една недела откако Турција го одобри нејзиниот влез. Истакнаа дека Будимпешта ризикува трајно да ги наруши односите со Вашингтон доколку не дејствува.
Бен Кардин пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат изјави дека е „длабоко загрижен“ за насоката на актуелната унгарска влада. Овој претставник од редовите на демократите истакна дека унгарскиот премиер Виктор Орбан до денеска ја блокираше помошта на Европската унија за Украина, како и фактот дека континуирано го попречува членството на Шведска во НАТО.
„Партнерите не прават такви работи. И се прашувам дали тие се сигурни сојузници за нашата програма за укинување на визите“, рече Кардин на прес-конференција. Програмата за укинување на визите им овозможува на граѓаните од 41 земја да патуваат во САД до 90 дена без виза.
И сенаторката Џин Шахин, демократ, и Том Тилис, републиканец, кој копретседава со набљудувачката група на НАТО во Сенатот, ја повикаа Унгарија да го промени курсот во нивната изјава. „Со недејствувањето, Унгарија ризикува неповратно да ги оштети нејзините односи со САД и НАТО“, рекоа Шахин и Тилис во нивната изјава.
Шведска, заедно со Финска, поднесе барање за членство во НАТО во 2022 година по руската инвазија на Украина. Но, членството на Шведска беше блокирано од Турција и Унгарија, оставајќи ја земјата во неизвесност и фрустрирајќи ги сојузниците во НАТО кои гледаат на Шведска како важен играч во обезбедувањето сигурност во балтичкиот регион. Унгарија сега е единствената членка на НАТО која не ја одобри апликацијата на Шведска за членство во алијансата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа