Намалување на платата на администрацијата за 2.500 денари од март предвидува законот што стигна во Собранието

 

ССМ во текот на вчерашниот ден испрати барање до сите координатори на пратеничките групи и до претседателот на Собранието за овозможување на Синдикатот како претставник на работниците да учествува во процесот на донесувањето на законот за административните службеници.

„Наша критика е тоа што не сме вклучени во процесот. Синдикатите не се вклучени во донесувањето на овој закон иако имаме сериозни забелешки кои ги доставивме до сите координатори на пратеничките групи. Жалиме што се обидуваат на ваков начин на крајот на мандатот да спротнат законско решение кое ќе ги чини вработените во јавниот сектор, односно сите оние работници на кои се однесува законот за административни службеници, 2500 денари помалку на нивната плата од март 2024 година и сметаме дека тоа ќе биде поразително“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

„Тоа што го добија вработените од тој закон во 2023 први, денеска први ќе го загубат како право. Усогласувањето на платите се случува од март 2025 година, веројатно ја помешале годината, па во 2024 година планираат да ја скратат минималната плата како основица за пресметка на платите на вработените“, кажа Трендафилов.

Сериози забелешки имаат и во однос на тоа што Синдикатите не се вклучени во креирање на бодот.

„Владата сама одлучува, на некоја затворена седница колку ќе изнесува бодот врз основа на која ќе ги добиваат платите. Имаме и други забелешки, затоа баравме пристуство на расправата на комисијата. Не знам зошто се срамат пратениците од нас, да присуствуваме и да им ги кажеме сите овие забелешки. Ние сме ги кажале овие забелешки на премиерот, на министрите, но сметаме дека треба да ги слушнат и пратениците“, рече Трендафилов.

Тој кажа дека има информација дека денеска повторно ќе се продолжи со расправата и додаде дека стојат на располагање да им кажат што сакаат да им направат на работниците.

Според него законското решение има низа добри елементи, но тоа е од 1 јануари 2025 година.

31.01.2024 - 11:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега