М-НАВ добива нови директори, Надзорниот одбор го прифати предлогот на Владата

 

Прифатен е предлогот на Владата од страна на Надзорниот одбор на денешната седница Хекуран Асани и Милан Кораќ да станат нови директори во М-НАВ, дознава „Телма“.

На новите функции тие треба да стапат следната недела. Ова следува откако беа разрешени досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски. Третиот директор во државната компанија, Хасим Деари, ја задржа својата функција.

Поради законската процедура, надзорниот одбор ќе има уште еден состанок во понеделник кога ќе се потпишан записниците од денешната седница со што одлуката добива формално правна важност и потоа со пропратната документација ќе биде доставена до централниот регистар кој треба да ги впише двајцата нови директори – Асани и Кораќ.

Разрешувањето на Хамиди и Стаменковски беше еден од условите на Синдикатот за да не стапи во штрајк.

Иако првичниот предлог на Владата беше Илир Мехмети, тој предлог мораше да биде повлечен и корегиран бидејќи Мехмети не ги исполнуваше условите.

Мехмети не е вработен во М-НАВ туку во Агенцијата за цивилно воздухопловство со што директно се кршеше член 17 од Правилникот во М-НАВ кој предвидува на раководните места да се именуваат лица од редот на вработените.

 

18.01.2024 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега