Трамп уверен во неговата изборна победа, го нарече Бајден „најлошиот претседател во историјата“
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во саботата на митинг во Ајова изјави дека на овогодинешните избори сигурно ќе го победи актуелниот станар на Белата куќа, Џо Бајден, кого го смета за „најлошиот претседател во историјата“.
Токму на третата годишнина од нападот на неговите приврзаници на Капитол, Трамп одржа два митинга во Ајова, малата американска држава, која на 15 јануари прва ги почнува републиканските прелиминарни избори за претседателска номинација на партијата.
Републиканскиот милијардер, кој сонува за реизбор во ноември и покрај тоа што има четири кривични пријави, ќе се соочи со гласачите за осум дена за првпат по напуштањето на претседателската функција.
Во долгиот говор Доналд Трамп ги увери своите приврзаници во Ајова дека „ќе победи по трет пат“ на претседателските избори во ноември. Имено, тој никогаш не го призна поразот на изборите пред четири години и тврди дека Бајден му ги „украл“.
Опишувајќи го Џо Бајден како „најлошиот“ претседател во историјата на Соединетите Држави, Трамп им рече на стотиците поддржувачи дека земјата е во длабока рецесија и дека и се заканува нова голема депресија. Во исто време, тој се смета себеси за последна шанса за спас.
И покрај сите контроверзи, анкетите му даваат на Трамп голема предност пред двајцата најголеми републикански противници, Ники Хејли и Рон ДеСантис.
Во Ајова и многу конзервативни држави ширум земјата, тој има многу лојална база на приврзаници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа