Дрин Ахмети: Пиротехниката е легално купена, подароците беа за моите внуци
Пиротехничките средства со кои внукот на Али Ахмети, Дрин, беше фатен биле купени легално и не планирал да ги продава. Тој во изјава за порталот „Скопје 1“ кажал дека подароците кои биле пронајдени во неговото возило биле поклони за внуците.
Дрин не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе водел правна битка.
-Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци, вели Дрин Ахмети за „Скопје1“.
Тој беше застанат на рутинска контрола на Пластичарска улица во Скопје, па заврши во полициска станица. Полицијата му пронајде вкупно 749 пиротехнички средства.
Инаку, тој во јавноста стана познат откако го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје. Купопродажба проследена со низа контроверзии и неодговорени прашања. Никогаш не се дозна колку чинело купувањето, освен дека фирмата на Ахмети треба да исплати долг од 20 милиони евра на претходниот сопственик. Не се знае ниту што правел Дрин Ахмети со цел арсенал пиротехника во неговиот џип.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа