Киев под ракетен дожд - десетина повредени
Киев е мета на воздушни напади од изутринава. Воздухопловните сили на Украина соопштија дека повеќе проектили биле упатени кон Киев, а подигната е тревога поради закана од руски бомбардери.
Русија лансира ракети од 16 бомбардери „ту-95МС“, а на ракетирањето му претходел напад со дронови, кои како што соопшти украинската армија, биле уништени до еден. Во нападите повредени се 16 цивили, од кои 15 се хоспитализирани.
Воената управа на градот соопшти дека фрагменти од соборените ракети паднале во неколку области, вклучително и на станбени згради.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко рече дека струјата е исклучена во неколку области на главниот град.
Кличко вели дека во областа Подилски бил погоден инфраструктурен објект и оштетен е гасовод и оти службите за итни случаи работат на погодените локации.
-Предупредувањето за воздушна закана сè уште е во сила. Во Киев и во регионот на Киев се активирани системи за противвоздушна одбрана, изјави Серхи Попко, шеф на градската воена управа во Киев.
Воздухопловните сили на Украина, исто така, ги повикаа жителите на Киев да се евакуираат.
-Киев – останете во засолништа. Голем број проектили се движат во ваша насока. Ракетите во регионот Житомир го сменија правецот и сега се движат и кон Киев, велат тие.
Градоначалникот Кличко на Телеграм објави дека 16 лица се повредени во зграда која се запалила по руски ракетен напад. Тој додаде дека 15 повредени се хоспитализирани.
Американската амбасадорка во Киев Бриџит А. Бринк реагираше на руските напади насочени кон Киев и други делови од земјата.
-Путин ја дочека 2024 година со лансирање проектили кон Киев и низ целата земја, бидејќи милиони Украинци повторно бараат засолниште на ниските температури. Силни експлозии во Киев утрово. Итно и критично е да ја поддржиме Украина сега – да го запреме Путин тука, рече таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа