Герасимовски: ООУ „Кочо Рацин“ добива сензорна соба и кабинет по информатика
По повод 79. роденден на ООУ „Кочо Рацин“, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со амбасадорите на Полска и на Италија, Кшиштоф Гжелчик и Андреа Силвестри, и пријателите од „Отворете ги прозорците“ отворија сензорна соба и кабинет по информатика за учениците од ова училиште.
„Ние сме општина која преку образованиот процес инвестира во младите генерации. Наш приоритет се токму вакви проекти, кои во училиштата даваат еднакви можности за сите за процес кој е инклузивен и со индивидуален пристап за секое дете. Воедно, на директорката и на сите вработени и на учениците им честитам 79 години од основањето на училиштето ‘Кочо Рацин’. Ви посакувам уште многу успешни генерации, кои преку своите кариери ќе ги промовираат општина Центар и ова училиште. Гледам дека и мотото на вашата приредба е љубовта што ги спојува минатото и и иднината и тоа ме прави особено среќен. Каде и да сме, да не заборавиме од каде сме почнале, како сме се граделе и кои се амбиициите пред нас“, рече Герасимовски.
Општина Центар издвои сопствени средства за отворање на кабинетот за информатика, училиштето доби и сензорна соба со поддршка од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и Советот на родителите, кои преку донаторски акции учествуваа со финансиски средства. На денешната пригода италијанскиот амбасадор Силвестри донира и учебници по италијански јазик за првата паралелка што го изучува овој јазик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа