Лидија Попандонова избрана за претседавач со Европската комисија за земјоделство на ФАО
Постојаниот претставник на Република Северна Македонија во ФАО, Лидија Попандонова, на вчерашната 43. сесија на Европската комисија за земјоделство на ФАО, со консензус на земјите членки од Европа и Централна Азија, беше избрана за претседавач со ова статутарно тело на ФАО.
-Ова е големо признание и чест не само за мене, туку и за нашата земја, која во последните две години се позиционираше во високите структури и технички комисии на ФАО. Европската комисија за земјоделство има важна улога во правилно насочување на поддршката од ФАО за приоритетни области и актуелни прашања во земјоделско-прехранбениот сектор во земјите членки и дава препораки за сите прашања од нејзината техничка и експертска надлежност за прашања позврзани со трговија, истражување, едукација, исхрана, одржлив развој и актуелни состојби кои го засегаат регионот. Истовремено, ја олеснува меѓународната соработка, како и соработката со невладините организации, здруженија и меѓународни организации. Во последниве години, регионот на Европа и Централна Азија доживеа повеќекратни шокови, вклучувајќи ја пандемијата со Ковид-19, временските непогоди и катастрофи, војната во Украина, разорните земјотреси во Турција, кои нанесоа сериозни штети и негативни последици во регионот, вели Попандонова за МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа