Живко Груевски: Добро платени „актери“ сеат страв и збунетост кај народот против Еуромакс
Од компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ го честитаа Денот на рударите и дадоа признание за макотрпната работа на сите рудари, но истовремено потсетија и на како што велат организираната хајка и напад против рударскиот сектор во Македонија.Директорот за комуникации и односи со јавноста во Еуромакс, Живко Груевски, во Дневникот на Сител ТВ изјави дека перманентните напади врз рудникот Иловица - Штука се резултат на добро организирани хибридни активности и платени „актери“ кои имаат за цел со лажни информации да сеат страв и паника кај населението.
„За жал, овогодинешното прославување на Денот на рударите означува една организирана хајка и организиран напад против рударската индустрија во нашата држава, нешто што започна како организирана хајка под слоганите „Рудници на смртта„ и Спас за југоистокот. Започна уште во втората половина на 2016 година во Гевгелија, Валандово, Струмица и кулминира овие денови во една хистерија во јавноста околу т.н “Рудници на смртта“. Според мене се работи за една навистина добро организирана хибридна активност, блендирани економски и политички интереси, концентрирани и подготвени во и надвор од нашата држава, а спроведени од неколкумина добро мотивирани, добро платени актери, кои што имаат задача да го спроведат тоа и да сеат страв, да сеат една збунетост кај народот“, изјави Груевски.
Иловица е рудник од 21 -от век и претставува „role model“ на рударски комплекс со највисоки стандарди за работа и заштита на животната средина.
„Небулозен е слоганот „Рудници на смртта“ кој што го користат еко активистите, затоа што и ние сме против екогеноцид, против загадување на почвата, подземните и надземните води и против уништување на земјоделието, против цијанид и други токсични материи“, вели Груевски, кој уште еднаш повтори дека проектот за изградба на рудникот „Иловица“ е пример како треба да изгледа современ рударски комплекс кој ги применува сите најмодерни рударски стандарди за заштита на животната средина и здравјето и ќе ги применува сите најнови технологии.
„Жалам што во последно време извесен број на политичари, политички фактори, локални тела и за жал некои претставници од црквата кои јавно агитираа, подлегнаа на овие хибридни активности и сеење на дезинформации, но не е крај на светот. Ние и понатаму ќе продолжиме да ја кажуваме вистината и ќе продолжиме да работиме трпеливо и транспарентно и сигурен сум дека ќе успееме народот да не сфати, а овие мои претходно критички зборови против еко - активистите никако не смеат да се разберат дека се генерален атак на граѓанскиот еко - активизам во целина, а уште помалку на граѓаните кои што реагираат и ги поддржуваат ваквите одлуки против рудниците. Ги разбирам, тие се искрено загрижени и збунети од овие дезинформации, вели Груевски.
Во гостувањето, Груевски одговарајќи на прашање за технологија која би се користела во рудникот, истакна дека цијанид и други штетни материи нема да се користат при експлоатацијата бидејќи се работи за современ рудник со најмодерен технолошки процес, а дополнително со последните измени на Законот за минерални суровини такви материи се забранети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа