Бачовски: Исплатени 58.9 милиони денари дополнителна поддршка за 1925 регистрирани земјоделци
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој извести дека денеска ја реализирала исплатата на дополнителната државна помош од 20% за носители на земјоделски стопанства кои се регистрирани вршители на земјоделска дејност согласно законот за вршење на земјоделска дејност или регистрирани како индивидуални земјоделци согласно законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Дополнителната помош се доделува на земјоделски стопанства кои се корисници на директните плаќања и имаат пријавени соодветни површини и животни:
– од минимум 5 до максимум 50 ха пријавена површина со поледелски култури со задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал
– од минимум 1 до максимум 5 ха пријавена површина со градинарски култури
– од минимум 1 до максимум 5 ха пријавена површина со овошни насади
– од минимум 1 до максимум 10 ха пријавена површина со лозови насади
– од минимум 10 до максимум 50 грла говеда
– од минимум 101 до максимум 500 грла овци
– од минимум 50 до максимум 150 грла кози
– од минимум 6 до максимум 50 грла-маторици
– од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства
„Поддршката во земјоделскиот сектор ги препознава земјоделците чија основна економска дејност е земјоделското производство како посебна категорија. За таа цел во законот за земјоделство и рурален развој како и програмата за финансиска поддршка во земјоделството оваа категорија на земјоделци добива право на 20% дополнителна финансиска поддршка. За таа цел со оваа исплата се поддржани 1925 земјоделци за кои се одвоени 58.9 милиони денари“, истакна директорот Бачовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа