Бугарските медиуми: Притворените навивачи се ослободени
Навивачите на Левски кои беа приведени во Скопје се ослободени, јавуваат дел од бугарските медиуми.
Како што се наведува, казните им се платени со парите собрани од фанови на фудбалскиот клуб.
Преку специјална акција, синоќа преостанатите приврзаници на „сините“ успеале да ја набават потребната сума за плаќање на казните на приведените кои се движат од 150 до 200 евра по лице.
На „Фејсбук“ страната на „100 години Левски – Софија“ се наведува дека навивачите на Левски биле држени речиси еден ден во полициските подрачни канцеларии низ Северна Македонија под крајно мизерни услови.
„На навивачите не им се дава храна, а вода може да пијат само од чешмата во тоалетот“, се вели во објавата каде во прилог има фотографија од тоалет кој наводно се наоѓа во станицата.
Од друга страна, БНТ во меѓувреме објави дека 11 приведени поддржувачи на клубот споделиле дека односот на управата кон нив бил добар – добиле храна и вода и можност да контактираат со своите роднини.
За насилството пред и по натпреварот приведени беа 19 навивачи од Република Бугарија, поради нарушување на јавниот ред и мир. Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. Околу полноќ полициските службеници приведоа и двајца навивачи на навивачката група на ФК Шкупи, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка, информираа синоќа од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа