„Зелен хуман град“: Добиена граѓанска битка против градежната мафија во Скопје, поништен планот за Влае

 

 

Советот на Град Скопје ја усвои предлог-одлуката што „Зелен хуман град“ ја поднесе на барање на „Борба за Влае“, со која се поништува Регулацискиот план за Влае.

„Сите знаеме со која брзина се дигаат облакодери, а колку е бавна правдата за обичниот човек. Со оваа предлог-одлука му даваме моќ и надеж на секој граѓанин дека има претставници во локалните совети кои стојат рамо ро рамо со нив, а не наспроти нив“ изјави Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Тој додаде дека една советничка група иако им вети поддршка на „Борба за Влае“, ги извиси во последен момент.

„Ние не очекувавме ништо различно од политичка партија која и го донесе овој крајно нехуман план не обѕрнувајќи се ни тогаш ни сега на аргументите зошто планот никогаш не ни смееше да биде донесен таков каков што е – во корист на градежната мафија! На сите ни е доста од политичари што немаат проблем да ги виткаат сите закони кога треба со брзина на светлината да се фрла бетон и асфалт за лични интереси, а кога треба да ги заштитат здравјето и животите на нашите сограѓани безочно манипулираат и банализираат! Благодарност до сите советници кои ја поддржаа предлог-одлуката и заедно со граѓаните застанаа на патот на градежната мафија!“ рече Јовановски.

Советници кои гласаа ЗА поништување на Регулацискиот план за Влае се двајцата советници на „Зелен хуман град“, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, еден член на Алијанса/Алтернатива, советничката група на Левица и двајцата советници од ЛДП/ДОМ.

Преполовената советничка група на СДСМ и коалицијата гласаше воздржана, како и двајцата советници кои излегоа од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а целата советничка група на ДУИ не ни беше во салата.

20.07.2023 - 19:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега