Мадона ги откажа концертите во Северна Америка: Мојот фокус сега е моето здравје
Поп-ѕвездата Мадона во понеделникот соопшти дека ги одложува сите концерти во Северна Америка, кои требаше да бидат дел од претстојната турнеја.
Настапите нема да се одржат сè додека таа целосно не закрепне од сериозната инфекција поради која заврши во болница.
Турнејата „Селебрејшн“ требаше да почне овој месец во Ванкувер. Сега планот е турнејата да ја почне во Европа во октомври, сподели Мадона во твит.
Туроператорот „Лајф нејшн“ соопшти дека новите датуми за настапи во Северна Америка ќе бидат објавени што е можно побргу и ги советува фановите да ги задржат своите билети.
64-годишната Мадона минатиот месец помина неколку дена на интензивна нега, каде што се лекуваше од бактериска инфекција.
„Мојот фокус сега е моето здравје и да станам посилна. Ве уверувам, ќе се вратам штом можам!“, твитна Мадона во своето прво јавно обраќање по хоспитализацијата.
Пејачката исто така им се заблагодари на фановите за нивната позитивна енергија, молитви и зборови на охрабрување.
„Ја почувствував вашата љубов“, напиша таа. „Јас сум на пат кон закрепнување и неверојатно сум благодарна за сите благослови во мојот живот“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа