Се промовираше платформата „Чаир одлучува“- Општина Чаир ја зајакнува соработката со граѓаните
Онлајн платформата „Чаир одлучува“ е заеднички производ на Здружението за унапредување на демократијата – Democracy Lab и општина Чаир, со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Северна Македонија.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, при промоцијата на платформата истакна дека за општината што ја води тој е особена чест да се биде дел од ваков проект.
„Значи граѓаните ќе имаат глас не само за тоа што недостасува во нивната општина, за она што не е правилно, туку глас и учество во решавањето на тие проблеми, со идеи кои ќе произлезат од самите нив. Оваа платформа ќе овозможи и ќе го зголеми легитимитетот на институциите, ставајќи ги на прво место граѓаните и нивните барања и идеи, како и зајакнување и продлабочување на демократијата во земјата. Демократијата како вредност и како подобар систем на владеење што Северна Македонија се стреми да го има“, рече Ганиу.
Тој потсети дека бидејќи живееме во време на технологија и иновации, „Чаир одлучува“ е платформа која ќе го промени начинот на комуникација од традиционален и бирократски во брз, директен и иновативен.
Платформата „Чаир одлучува“ заеднички ја промовираа градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, Аугуста Филбин, заменик-шеф на Секторот за односи со јавноста на Амбасадата на САД, Сефер Селими, извршен директор на Democracy Lab, претставници на јавната администрација и граѓани на Чаир.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа