Нападнат родниот град на Зеленски: Десетици повредени во ракетниот напад

 

 

Најмалку три лица загинаа, а 25 се повредени во руските ракетни напади во текот на ноќта врз украинскиот град Криви Рог, кои уништија петкатна станбена зграда, изјави гувернерот на украинската област Днепропетровск, Сергеј Лисак.

Под урнатините сè уште има луѓе, напиша Лисак во апликацијата за пораки „Телеграм“, пренесува „Хина“.

Четири лица се повредени на друго место во градот, додаде тој.

Русија изврши „масовен ракетен напад“ врз централниот украински град Криви Рог во текот на ноќта, при што загинаа и беа повредени луѓе и оштетена е цивилна инфраструктура, соопштија украинските власти.

Во раните утрински часови во вторникот во Украина се огласија сирени за воздушен напад, а воените претставници на Киев соопштија дека силите за воздушна одбрана ги уништиле сите руски ракети насочени кон главниот град на Украина.

Врховната воена команда на Украина објави дека нејзините воздухопловни сили уништиле 10 од 14 крстосувачки ракети лансирани од Русија кон Украина и еден од четирите беспилотни летала од иранско производство.

Сè уште не е јасно колку проектили го погодиле Криви Рог и каде беспилотните летала лансирани од Русија ги погодиле нивните цели.

Во нападот беа погодени неколку цивилни згради, вклучително и петкатница, изјави претходно градоначалникот на градот, Олександр Вилкул, додавајќи дека, најверојатно, има луѓе под урнатините.

Лисак објави фотографија од петкатница, каде што сите прозорци се скршени, а од некои излегува чад, пренесуваат светските медиуми.

Засега нема коментар од Русија за пријавените напади. И Русија и Украина негираат дека целеле кон цивили во војната, што Русија ја почна против својот сосед пред речиси 16 месеци.

Градоначалникот на источниот украински град Харков на својот кана на „Телеграм“ изјави дека руски беспилотни летала ја погодиле цивилната инфраструктура таму погодувајќи магацин и зграда на комунално претпријатие. Засега нема информации за жртви.

13.06.2023 - 11:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега