Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставен суд, сите средношколци да имаат бесплатен јавен превоз
Сојузот на средношколци денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 а од Законот за средното образование. Претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ на денешната прес-конференција посочи дека тие предлагаат законски измени кои се однесуваат на правото на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци.
-Јавноста се сеќава дека на 13 март одржавме прес-конференција на која најавивме дека нашите предлог измени на Законот за средното образование по однос на овој член ќе ги доставиме до Собранието и им дадовме рок од два месеци, односно до 15 мај истиот да го стават во постапка и да го донесат, бидејќи не стануваше збор за некој обемен и сложен закон туку за интервенција во само еден член. Законските измени кои ги предлага Сојузот се однесуваат на правото на бесплатен и праведен јавен превоз за сите средношколци, рече Павиќевиќ.
Тој напомена дека моменталната состојба не ги третира средношколците подеднакво, бидејќи има повеќе категории средношколци кои немаат право на бесплатен и праведен јавен превоз, а како што рече, во оваа категорија предничат учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта кои посетуваат феријална практика во текот на летниот и зимскиот распуст, а немаат право на организиран превоз во текот на распустите.
Како што рече, немаат право на бесплатен превоз ниту учениците кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето.
-Ние сметаме дека сегашните одредби се косат со членовите 9 и 44 од Уставот. Членот 9 гласи дека граѓаните на Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Ние ги оспоруваме токму клаузулите за социјалното потекло и имотната и општествената положба. Членот 44 од Уставот гласи дека секој има право на образование, а образованието е достапно на секого со подеднакви услови. Поради овие причини, ние поднесуваме иницијатива до Уставниот суд и веруваме дека судот ќе пресуди во наша корист, додаде Павиќевиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа