Со европски пари ќе се изработуваат планови за управување со отпад

Со пари од ИПА програмата на Европската унија ќе се изработуваат регионални планови за управување со отпад за Источниот и Североисточниот регион.

Свое обраќање на отпочнувањето на проектот денеска имаа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и евроамбасадорот Аиво Орав.

- Овие планови ќе бидат водечки документи за воспоставување на идната структура за процесот на имплементација на интегрираното регионално управување со отпад, кои ќе можат да се мултиплицираат и во други региони. Интегрираното регионално управување со отпад е процес, кој се очекува да биде предмет на промени и приспособувања, согласно барањата, рече Адеми.

Проектот, според евроамбасадорот Орав, ќе помогне за надминување на состојбата со отпадот во Македонија и подобрување на националното законодавство за управување со отпадот. Проектот, додаде тој, ќе даде свој придонес и за решавање на пробелемот со постоечките неконтролирани диви депонии, преку промовирање мерки и стратегии.

Проектот „Подготовка на регионални планови за управување со отпад и Стратешка оценка на влијанието за Источен и Североисточен регион“ е поддржан од Европската унија преку Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 (ИПА компонента ИИИ) со буџет од 1,14 милиони евра.

11.12.2013 - 16:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега