Промовирана монографијата „Македонија- Милениумски културно-историски факти“

На денешната промоција на четиритомната едиција во издание на „Медиа Принт Македонија“ и Универзитеот „Евро Балкан“, под покровителство на Фондацијата „Илија Камчев“ на која беа истакнати културно историски факти за Македонија се обрати Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска. „Македонија-Милениумски културно-историски факти“ е монументална енциклопедиска едиција од капитално значење со високо научно и културолошко значење која дава академски конзистентна слика за развојот на македонската цивилизација од праисториската доба сé до почетокот на 21 век.

Канческа подвлече дека едицијата е сериозна и аргументирана анализа на историските, културните и уметничките карактеристики на Македонија, на нејзината археолошка стратиграфија, на духовното наследство и на нејзиниот милениумски цивилизациски развој.

- Монографијата е синтеза на сето она што го поседуваме и таа говори за физичката и духовната култура на македонскиот народ, рече Канческа - Милевска.

Министерката истакна дека оваа иницијатива, која уште на почетокот беше поддржана од Министерството за култура денеска е монументален документ за врвните цивилизациски творби на човекот од македонското поднебје, и сведоштво за идните генерации кои токму од наследството треба да црпат чувство на припадност и идентитет.

- Во четирите одделни тома, (праисториската епоха, античкиот период, средновековието, османлиската ера и модерното време) е прикажана широката патека на културата на Македонија и неодминливите богатства на нашата земја: неолитскиот Адам од Говрлево, охридската Златна маска, грцилната хеленистичка скулптура на божицата Изида од Охрид, раскошните доцноантички мозаични панорами од Хераклеја Линкесис, имресивниот портрет на Свети Климент од црквата „Св. Богородица Перивлепта“, хуманистичкиот фреско-ораториум насликан во црквата Свети Пантелејмон во Нерези, живописната Шарена џамија во Тетово, прикажани се херојските ликови на македонската револуционерна борба и уште илјадници ликови на востаници и дејци кои го трасираа патот до сонот кој денес го живееме – самостојна и независна Република Македонија, рече министерката за култура.

Еден од промоторите на монографијата проф. д-р Елизабета Димитрова, која е и еден од авторите, подвлече дека изданието е заеднички авторски труд на 26 автори еминентни истражувачи во повеќе научни области кои создадоа дело без предрасуди и дилеми, без замки и погрешни интерпретации, без провокации и дубиози, без субјективизам и фикции.

- Херои и предавници, маченици и освојувачи, кралеви и војводи, поети и сонувачи, сите тие имаат свое место во научно истражувачкиот есеј во четри тома наречен „Македонија- Милениумски културно-историски факти“, посочи меѓу другото Димитрова.

Срѓан Керим истана дека ова драгоцено издание ќе доживее и превод на англиски јазик за да биде достапно и вон границите на Република Македонија, а за сдите љубители на книгата ќе биде достапно по популарна цена.

Покровителот Јордан Камчев и Фондацијата „Илија Камчев“, со овој проект,  дава значаен придонес во градењето на културата на македонскиот народ, изразување почит кон предците и подарок на идните поколенија.

Едицијата на 2.540 страници ја валоризира македонската историја, цивилизација и култура и е збогатена со бројни фотографии од обемното културно-историско наследство.

11.12.2013 - 15:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега