Медведев: Светот веројатно е на работ на нова светска војна
Поранешниот руски претседател и премиер, Димитриј Медведев, изјави дека светот веројатно е на работ на нова светска војна и оти ризиците од нуклеарен конфликт растат.
„Светот е болен и многу веројатно е на работ на нова светска војна“, рече Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Путин во Советoт за безбедност, на конференцијата во Москва.
Тој рече дека ваквата нова светска војна не е неизбежна, но дека ризиците од нуклеарен конфликт се поголеми и посериозни од загриженоста за климатските промени.
Додаде дека целите на „специјалната воена операција“ ќе бидат остварени, а на прашањето како го оценува нејзиниот напредок, одговори дека тоа е сложено прашање.
„Можам само да кажам дека сум апсолутно убеден дека ќе се постигнат сите цели што претседателот ги постави пред нашите војници за извршување на специјална воена операција“, рече Медведев.
„Денес не се соочуваме со украинската армија, туку со целата Северноатлантска алијанса“, рече Медведев.
„Специјалната воена операција е нашиот одговор на бескрајното проширување на НАТО. И јас и моите соборци и колеги имавме некои илузии во 1990-тите дека ќе почнеме да живееме во хармонија со Европејците и САД и дека повеќе нема да бидеме непријатели и оти повеќе нема да се судриме. Сепак, сето тоа се распадна“, рече тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа