Мемети: Секој граѓанин заслужува да ги ужива загарантираните слободи и права

 

Народниот правобранител Иџет Мемети во своето соопштение по повод 10 декември-Меѓународниот ден на човековите права, вели дека почитувањето на човековите права е императив за сите нас без разлика каде сме, што работиме, на која раса или вера и припаѓаме.

- Почитувањето на човековите права е темел на современото заедничко живеење. На ова не учи историјата која многупати досега покажала дека развојот и просперитетот одат заедно со меѓусебното почитување. Човековите права се однесуваат на секој поединец и му припаѓаат на секој поединец, вели народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети во соопштението по повод Денот на човековите права. 

Државата е таа која треба да ги овозможи сите предуслови граѓаните да се чуствуваат рамноправни. Но овој ден е можност да се упати порака дека секој граѓанин без разлика на која социјална категорија и припаѓа, каква и да му е бојата на кожата, во која религија верува, заслужува достинствено да живее, да биде почитуван од другите без никакви предрасуди. Човековото достоинство претставува сплет од неколку фундаментални човекови вредности и тоа живот, слобода, сопственост, еднаквост, правдаа, додава во соопштението Мемети.

Во соопштението правобранителот подвлекува дека оваа година денот на човековите права е во духот на јубилејот 20 години од востановувањето на Високиот комесар за човекови права. - Тоа значи дека денот е посветен на сите оние кои од различни причини, конфликти, сиромаштија, елементарна непогода, не се во можност да си ги остварат своите права. Тоа се илјадниците деца од Африка кои не ја уживаат минималната здравствена заштита, бегалците од Сирија кои живеат надвор од своите домови и сите оние кои имаат слични судбини. На сите овие лица Меѓународната заедница треба час поскоро да им помогне затоа што има едно правило кога станува збор за човековите права, а тоа е правилото дека човековите слободи и права мора да се почитуваат во сите времиња и во сите услови, вели Мемети.

10.12.2013 - 09:53
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега